Силната, краткотрајна, но моќна бура со пороен дожд и ветер синоќа во Дојран остави многу искршени гранки, паднати дрвја, уништени елементи за плажа и застој во електроснабдувањето со електрична енергија во Стар Дојран.
Денес од изутрина екипи на Општина Дојран, ЈП „Комуналец – Полин“, Доброволното противпожарно друштво „Дојран“ се на терен во расчистување на градот од последиците од невремето.
Најмногу се работи на расчистување на паднатите дрвја, некаде со загрозени објекти, покриви, паркирани автомобили кои претрпиле штета од ударот на обилната дрвена маса.

– „Од првиот момент, сите надлежни служби се на терен и работат посветено на расчистување на последиците и воспоставување на нормално функционирање. Во оваа акција, покрај општинските служби, активно се вклучени и доброволци, механизација, екипите на ДППД Дојран и Јавното комунално претпријатие Полин, кои со голема пожртвуваност и заеднички напори го расчистуваат градот и во текот на денешниот ден.
Сакам искрено да им се заблагодарам на сите кои несебично го вложуваат својот труд, време и енергија. Вашата солидарност и одговорност се вистински пример дека заедно можеме успешно да се справиме со секој предизвик“ – изјави градоначалникот на Дојран, Илија Тентов.

Тој упати Апел до граѓаните да бидат внимателни, да ги почитуваат препораките на надлежните служби и да покажат трпение додека траат активностите за целосно расчистување на теренот.
– „Ќе продолжиме да работиме сè додека секоја улица и секое јавно место нѐ бидат безбедни за сите. Заедно, сплотени и одговорни, ќе ги надминеме последиците од ова невреме“ – додаде Тентов.



Вчера, пред заоѓање, околу 20 часот Стар Дојран беше зафатен од силно невреме проследено со обилни врнежи и силен ветар кое за среќа помина без повредени, само со материјална штета.

Главната сообраќајница во Стар Дојран веќе е нормализирана за сообраќај, исчистена од паднатите дрвја и гранки, изметена, измиена. Се работи на сите локации каде граѓаните пријавиле штети, непроодни улици, или поплавени куќи, подруми.
Дојран на денешното сонце се крева во живот, здружено, со доброволци, со потребна механизација и да блесне повторно. Лето е, треба да се дочекаат гостите, туристите, транзитните посетители и да се ужива.




















