Попладнево сите најави беа дека ќе настапат облаци и дека ќе врне, но во Гевгелија се случија два пожари, на кои им пресудија ефикасните сили на ТППЕ Гевгелија.
Првиот беше регистриран во 14:45 часот кога во дирекцијата на ТППЕ Гевгелија беше пријавен пожар во с.Стојаково, општина Богданци.
Овде гореше електричен столб, бандера. На терен веднаш се упатија едно противпожарно возило и два пожарникара. Пожарот е изгаснат после 35 минутна интервенција и целосно ликвидиран во 15:20 часот кога двочлениот тим на ТППЕ Гевгелија се врати во својата базна станица.
Но, работниот ден не заврши со само една акција. Ноќта во атарот на селото Негорци избувна пожар пријавен во ТППЕ Гевгелија во 20:20 часот. Горела сува трева и дрвенести меѓи од нивите, во област каде во близина имало и семејни куќи.
На терен веднаш се упатило едно ПП возило и двајца пожарникари. Акцијата со огнената закана траела цел еден час. Пожарот е успешно изгаснат, а куќите спасени од опожарување.
Гевгелискиот пожарникарски тим се вратил од ноќната акција во 21:20 часот во станицата на ТППЕ каде е заведено дека акцијата е успешно завршена, а пожарот ликвидиран.


Во сезона на високи температури и присутната сува вегетација опасноста од пожари е се’ уште закана за отворените простори во природа, за стопанските имоти, за земјоделските објекти или семејни домови. Секој од нас треба на најмал знак на присутен оган ВЕДНАШ да се јави на дежурните служби во ТППЕ Гевгелија на тел. број 193, или на меѓународниот број за помош 122.
Пожарот не е шега, избувнува за миг, а моше за кратко време да направи стократно високи штети. Затоа од ТППЕ Гевгелија апелираат на внимателност, совесност и одговорност од престојот во природа и при користењето на електрични апарати кои испуштаат искри кои можат да предизвикат потпалување на сувата вегетација.
Внимателно, совесно и одговорно !



















