Во време кога доблеста стана реткост, добрината чудо, а солидарноста повикувана со АПЕЛ, бележиме еден несекојдневен гест на мал жител од Гевгелија, ученикот Кришна Мишра кој донираше виолина на музичкото училиште во Гевгелија
Виолината е нова и ќе послужи за користење на идните ученици по виолина, оние кои немаат свој инструмент, или се’ уште не набавиле свој инструмент за вежбање и музицирање.
Од Општинското музичко училиште „Васо Карајанов“ од Гевгелија за гестот велат дека е „прекрасен гест на солидарност и љубов кон музиката кој го одбележа денешниот ден“.

– „Музиката има моќ да ги поврзува луѓето, а овој благороден чин на Кришна е вистински доказ за тоа. На овој начин, инструментот ќе продолжи да живее во училишните простории и ќе им овозможи на учениците кои немаат сопствена виолина да ги развиваат своите вештини и да ја истражуваат својата страст кон уметноста’ – велат од училиштето „Васо Карајанов“.
Децата кога се мали обично не ги споделуваат своите играчки, туку љубоморно ги чуваат од децата кои им доаѓаат на гости. Кришна ги надраснал тие себични нешта во човечката психа со најголем алтруизам – да подари нешто свое на друг корисник за и тој да ја почувствува благодетта од музиката и музицирањето.
Кришна инаку е ученик во ООМУ „Васо Карајанов“ и често наградуван на своите настапи на општински и републички натпревари. Несебично им посакува и на другите да напредуваат, да вежбат и победуваат.
Од училиштето упатија огромна благодарност до Кришна и неговото семејство за оваа хумана и инспиративна иницијатива, која е потсетник дека вистинската вредност на знаењето и уметноста е кога се споделуваат со другите. 🎻🎶




















