Денеска попладне во 18:15 часот пријавен е пожар во близина на фабриката за земјоделски и овошни преработки „ВОРИ“ Гевгелија, а поради ветрот огнот продолжи да се шири и навлезе во кругот на објектот „Попе-пластика“ во близина на ресторанот „Велвиција“.
На терен веднаш е упатен тим на ТППЕ Гевгелија со две (2) противпожарни возила и 6-мина пожарникари.
Огнот помогнат од ветрот се крева во пламени јазици и до три метри. Засега гори сува трева, прнари, но и околни дрвја. Се прават огромни напори да се заштитат објектите и имотите од опожарување во оваа стопанска област во Гевгелија.
Акцијата на пожарникарите е тешка и безбедносно итна, бидејќи објектите се снабдени и со гориво и репроматеријали кои можат да го потхранат огнот.

Пожарот најпрво се појави на пристапната асфалтна улица која води до објектот „Вори“, што асоцира на човечки фактор како причинител на пожарот (од немарност, од неодговорно однесување, или…).

Акцијата се’ уште трае. Ветрот кој и понатаму е присутен на терен, а го чувствуваат сите жители на Гевгелија, има брзина од 18 km/h, со повремени удари од околу 25 km/h, со „0%“ можност за дожд, така што сите надежи се во брзата и ефикасна акција на гевгелиските пожарникари.
СРЕЌНО! ИМАЈТЕ БЕЗБЕДНА АКЦИЈА ПОЖАРНИКАРИ!

НАЈНОВО! – Дополнето и редактирано од GevgelijaNet.com во 22 часот:
Пожарот е изгаснат во 21 часот, благодарение на професионалната интервенција на гевгелиските пожарникари од ТППЕ Гевгелија ![]()




















