На вчера одржаниот атлетски Куп на Македонија за Пионери, гевгелиската најмлада медалистка АНА БЕГОВА освои ПРВО место на 1.500 метри и се искачи на највисокиот подиум меѓу атлетичарките.
Ана патеката ја истрча со време од 5:31 минута и е убедливо најдобра помеѓу девојчињата на генерациска возраст од 2011/12/13/14 година. Најбрзата пионерка на атлетската патека од 1,5 км доби медал со што ја продолжува сезоната на победи и успеси кои ги нанижи од почетокот на 2026 година.

Вториот триумф на децата од АК „7 Ноември“ му припаѓа на ЃОРЃЕ ПАПУЧИЕВ кој освои🥉ТРЕТО место на патеката од 800 метри, истрчувајќи ја за време од 2:29 минути.
Заслужно место за пофалби е и освоеното 5-то место на МАКСИМ АНГОВ на патеката од 800 метри со време од 2:30 минути.
Еве ги Ѓорге и Максим на атлетската патека:
Сите три натпреварувачи се членови на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија и редовни освојувачи на подиуми на атлетски натпревари во земјата и странство.

Купот на Македонија за пионери во атлетика се одржа на 6 септември 2026 година (недела) на атлетскиот стадион во Велес, во организација на Атлетската Федерација на Македонија.
Овој настан означи историско враќање на кралицата на спортовите во градот на Рацин, градот на гемиџиите, бидејќи Велес беше домаќин на вакво сојузно атлетско првенство по пауза од цели 16 години. Натпреварите во повеќе дисциплини се реализираа на новообновената атлетска патека на Градскиот стадион „Зоран Паунов“.



















