Во рамките на програмата по повод одбележувањето на 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Гевгелија, во Народниот театар – Гевгелија се одржа претставата „Деца на светот“, во изведба на Театар „Антон Панов“ – Струмица.
Ова театарска претстава е тажна комедија, сурова реалност на актуелната сегашност, работена по текст на бугарскиот драматург Стефан Цанев, а во режија на Васил Михаил.
Миграцијата е сржта на претставата. Ликовите се постар маж и жена кои се оставени сами во празна куќа, додека нивните деца се заминати „по бел свет“ во потрага по подобар живот. Целиот нивен живот се сведува на чекање — чекање телефонски повик, писмо или ретка посета. Авторот Стефан Цанев ја прикажува суровата реалност каде семејствата се скршени поради раздвоеноста, чекањето и изгубеното време претворено во надежи кои уште не се оствариле.
Најприсутно е чувството на „болка од далечината“. Наместо традиционалните недоразбирања меѓу младите и старите, тука се соочуваме со еден поинаков трагичен судир — судирот меѓу желбата на родителите да ги задржат децата блиску и реалноста дека децата мораат да си заминат за да преживеат.

Во претставата настапија актерите: Коста Ангов, Оливера Аризанова и Анкица Бенинова.
Сценографијата и дизајнот на плакатот се на Никола Пијанманов, а костимографијата е на Ванчо Василев.
Уште една вечер посветена на театарската уметност, која ја збогати празничната културна програма.
Публиката ги награди актерите со аплауз.




















