Четвртиот по ред Меморијал „Јасмина Голубовиќ“ во Куманово за ракометните ветеранки од Гевгелија беше повторно успешен и трофеен.
Екипата на ЖРК „Југ“ оствари две победи и еден нерешен резултат доволно за да освои подиум за ВТОРО место и Пехар за Вицешампионките на Меморијалот.
Со победа ги завршија натпреварите со домакинот ЖРК „Куманово“, потоа со втората екипа од Куманово ЖРК „Житомел“, со „Стружанка“ од Струга одиграа нерешено, но вториот дуел со стружанките заврши со еден гол разлика, што им ги одзеде шансите за победничкиот пехар на турнирот.
Како и да е ракометарките од југот докажаа дека се незапирливи и на оваа животно доба, активни и победнички настроени.

Вицешампионското место е подобрување на резултатот од минатата година, кога ветеранките од Гевгелија го освоија третото место на турнирот. Една година поискусни, а повторно вешти на теренот, незапирливите ракометни ветеранки атакуваа на нови, повисоки резултати.
На турнирот учествуваа 8 екипи, 5 во женска конкуренција и за прв пат 3 екипи во машка конкуренција ветерани.
На турнирот учествуваа, освен тимот на организаторките од Куманово ЖРК „Куманово“ и 4 тима од Струга, Гевгелија, Богданци и Куманово. Тоа се екипите на Ветеранки „Стружанка“ Струга, ЖРК Ветерани „Југ“ Гевгелија“, Ветеранки „МЛАЗ“ Богданци и Ветеранки „Житомел“ Куманово.
Меморијалот претставува спортско сеќавање во чест на ракометарката Јасмина Голубовиќ, која беше активна во 60-тите години, носејќи му успеси на матичниот клуб ЖРК „Куманово“. Нејзината умешност како белег на женскиот ракомет во Куманово, остави значајни резултати.
Со Меморијалниот турнир се оддава во чест на прерано починатата ракометарка од Куманово, Јасмина Голубовиќ, која почина на 42 годишна возраст, но исто така се испраќа и силна порака на младите дека „Годините не се пречка, победи ако можеш, изгуби ако мораш, но не се откажувај никогаш“.
Меморијалот е востановен 2022 година и прерасна во традиционален спортски спомен за Јаца, но и собиралиште на ракометари ветеранки, и спортски настан за генерациите спортисти кои не се откажуваат од спортот.
Турнирот се организира со поддршка на Општина Куманово, а трофеите за победниците се донација од Општинскиот сојуз на спортови.
Браво за гевгелиските ветеранки-Вицешампионки: Сузана, Виолета, Александра, Елма, Дана, Весна, Благица, Марија, Мими, Јулија, Даниела, Лилјана, Гордана и Елена.
