Со стамена наклон и благодарност со положено свежо цвеќе на спомен обележјата во Гевгелија денеска е оддадена почит на слободарскиот јубилеј – 82 години од излегувањето на првите партизани од Гевгелија и гевгелиско.
Храброста на овие млади луѓе заедно со сиот прогресивен свет и вооружениот отпор на Македонските граѓани против фашизмот се изборија за слобода која ние денеска ја уживаме.
Во знак на почит и спомен и благодарност денеска Сојузот на здружението на борците од Гевгелија организираше пригодна посета на спомен обејежјата од НОБ во нашиот град. За прв пат освен цвеќе на спомениците на паднатите борци од Гевгелија и гевгелиско беше положено и цвеќе на чешмата во месноста Топлик, каде на овој ден пред точно 82 години се собраа на првото зборно место првата група партизани од Гевгелија.
На настанот се евоцираа спомени:
– „На 26 април 1943 година во Кожуф планина се нашле првите доброволци-партизани од градот и околијата, а од Гевгелија биле: Ристо Бајалски, Димитар Григоров Зафиров, Димитар Кирилов Брзилов, Петар Христов Балабуров, Михаил Христов Делев, Василка Танова Дуганова, Јанко Милтијадев Инов (Урдинов), Надежда Васил Христова, Александар Мицев Ќаев, Марика Мицева Ќаева, Деко Андонов Ковачев, Васил Христов Карајанов, Христо Василев Поп-Ристов, Илија Танев Миов и Иван Христов Бајков. Оваа група од 15 борци пристигнала во три групи, на 26 април, на 30 април и на 3 мај заедно со борци од околните места. Првото зборно место им беше во месноста Топлик кај Гевгелија. Во спомен на овој настан на 25 годишнината од излегивањето на првите партизани изградена е чешма од Водната Заедница „Повардарие“ Гевгелија, во 1968 година“.
На 10 мај на падините на Кожуф планина доаѓа и до официјално формирање на Првиот гевгелиски партизански одред „Сава Михајлов“ кој се вклучил во борбените дејства во текот на Народноослободителната борба.
Вечна им слава на нашите слободари!
Вечна им слава на гевгелиските херои, борци и осведочени ослободители!