Со две освоени награди за „најсмел екипаж“ и награда за „екипаж со најмногу извозени километри“ од саемот на олд тајмери во Тоскана, Италија, доцна синоќа во Македонија пристигнаа РЕНО јунаците Ѓорги Николов и Џоко Шуклев.
Тие на своето рекордерско конто со третата „Рено олд тајмер“ авантура додадоа уште 3.400 извозени километри од Стојаково до Тоскана и назад до Стојаково, со што во овој момент нивното „Рено 4“ старо 47 години има олд тајмерска извозена траса од 30.900 километри.
Овде спаѓаат:
– 4.500 км од Стојаково до Ница, Франција (учество на Рено саем 2018 година);
– 23.000 км од Стојаково до Пекинг (авантура реализирана 2019 г.) и сега
– 3.400 км од Стојаково до Тоскана (Генерален Рено саем 2025 г.)

На последната авантура во Тоскана стојачките Рено пасионирани автомобилисти се претставија со две возила RENO 4 TL и RENO 4 GTL. Заедно со нив беа и новите членови Петар Лачков и Трајче Јованов. Награди понесоа поупорните, стојачкото автомобилско дуо Ѓорги и Џоко, за авантуристичките тури со своето „Рено 4“ произведено 1978 година и успешното функционирање по патиштата низ Светот.

– „Можеме да се пофалиме дека и екипажот и возилата стигнаа дома во перфектна кондиција, а особено не прави горди тоа што нашите Реноа се вратија без и најмал дефект. Тоа ни’ е поттик за следни авантури“ – напишаат Рено авантуристите и на социјалните мрежи.
Им посакуваме добредојде и успешни планови за нови Рено авантури!
ДВЕ НАГРАДИ за Ѓорги и Џоко од Стојаково на саемот „RENO олд тајмери“ во Тоскана, Италија



















