Минатата недела на празничниот ден 23 октомври, на Денот на македонската револуционерна борба беше промовирана нова планинарска патека на Кожуф која оди до врвот Двете Уши 1.766 мнв.
Патеката е со старт од м.в. Таблата преку реката Сливка кон Смилево бачило до ⛰️ врвот Двете уши (1.766 м.н.в.), во должина од 7.5 км. Истата е со елевација од 1.050 метри, со совладана висинска разлика од 850 метри, по нова средно тешка стаза.
Новата патека од сон во реалност ја преточија храбрите Гоце Монев и „Sammiana“ – Македонска Бесконечна Трансверзала, а ја испробаа заедно со членовите ан ПСК „Двете уши“.

– „Во соработка со ПСК „Двете Уши“ од Гевгелија и Sammiana – Македонска Бесконечна Трансверзала планинарите добија нова планинарска патека на планината Кожуф, која целосно е исчистена и маркирана. Останува на нас планинарите, ентузијастите, рекреативците да се движиме по неа и да ја подобруваме“ напиша креаторот на новата патека Гоце Манев.

На настанот учествуваа над 60-на планинари од Гевгелија, Радовиш, Штип, Велес, Свети Николе, Росоман, Тетово и Скопје. Сите на свој начин уживаа во глетката што им ја нуди Кожуф со сите есенски бои распослани по планината.
Од ПСК „Двете Уши“ упатуваат отворена покана до сите до кои ќе допре оваа објава да дојдат на Кожуф планина и да ја уживаат планинарската авантура која ја нуди оваа патека.






















