Нова Година, нов ден, прв јануарски 2026, а Гевгелија доби нов жител.
Тоа е приновата на мајката Мартина Илиевска која на свет донесе женско бебе, со тежина од 3050 грама и должина од 49 сантиметри.
Породувањето беше во ЈЗУ Општа Болница Гевгелија со проширена дејност, во Гинеколошкото одделение. Раѓањето помина успешно, а мајката и бебето се во одлична здравствена состојба, велат од гевгелиската болница.
Настанот се случи денеска во 14 часот откога почна да дише малата новородена гевгеличанка во прегратките на среќната мајка Мартина.
Инаку, Мартина е второротка, има 22 години и е жител на Гевгелија. Таа била примена со пукнат водењак вечерта на 31 декември во 24:00 часот, во моментот на настапот на Новата година. Се породила природно без никакви компликации 14 часови подоцна на 1 јануари 2026 година и ја донесе на свет малата ЈОВАНА.
Овој среќен настан е резултат на посветеноста и професионалноста на медицинскиот тим во состав:
Д-р мед. науки Анита Морарцалиева Чочкова – Специјалист по гинекологија и акушерство, акушерките Нада Данаилова и Маја Танчевска, Д-р Рената Трајкова – Специјалист по педијатрија и медицинската сестра Павлинка Глигорова.
Честитки за среќните родители и многу здравје за малата гевгеличанка, да расте во здравје и љубов.
Според верувањето, ако првороденото дете во годината е женско годината ќе биде родна и бериќетна. Па да ни’ се посреќи на сите доаѓањето на свет со новата мала гевгеличанка, на сите гевгеличани!



















