Со учество на екипи ветерани во одбојка од Гевгелија, Струмица и Тетово денеска во спортската сала „26 Април“ (мала сала) се одржа ПРВИОТ МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР „ЉУБЕ ЕФТИМОВ“ во чест и сеќавање на најдобриот одбојкар што го имала Гевгелија.
Сите три екипи учесници се изборија за подиум со својата игра: Прво место освои Одбојкарски клуб „Ветерани Тетово“, втори беа ОК „Ветерани Струмица“ и трето место ОК „Ветерани Гевгелија“.
Судија на натпреварите беша Кире Панов.
Домаќините, ОК „Ветерани Гевгелија“ настапија во состав: Јован Џаковиќ, Ристо Колчев, Драги Чурлинов, Томе Пелев, Љубе Димков, Миле Коциров, Ефтим Стојанов, Виктор Ефтимов, Цветан Нелоски, Душко Петровски, Петар Лешев, Драган Вурмо, Сашко Нунов и Ристо. Бројниот состав гевгеличани го поделија во две екипи и играа за спомен на Љубе.

Резултатот во овој прв Меморијал за домаќините беше некако спореден, во предност ја ставија благодарноста што сакаа да ја искажат ветераните одбојкари од Гевгелија и гевгеличани за огромниот придонес што го остави за спортот во Гевгелија именосецот на турнирот и Меморијалот, Љубе Ефтимов.


Годинава се навршуваат шест години од предвременото заминување на Љубе од овој свет. Роден 1954, почина 2020 година, а зад себе остави 30 годишна успешна спортска кариера со одбојката и како спортист во најдобриот состав на Армијата на Југославија ЈНА, во конкуренција од сите југословенски републики, подоцна избран во „Б селекцијата“ на репрезентацијата на Југославија во одбојка, верен на мрежата и одбојката на својот матичен клуб ОК „Винојуг“ Гевгелија, каде ја оствари својата спортска кариера цели три децении, основач и иницијатор за создавање на ОК „Гевгелија“ чии ветерани денеска со спорт и игра му оддаваат почит на одбојкарското торпедо од југот, Љубе Ефтимов.
Турнирот го отвори Претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски кој искажа величина на ваквиот спортски меморијал за придонесот на исклучителниот ангажман во спортот на гевгелискиот репрезентативец Ефтимов кој остави длабоки траги за гевгелискиот спорт и за одбојката во Македонија.

На настанот кој освен игра изобилуваше со спомени и сеќавања беа присутни и членови од потесното семејство на Љубе Ефтимов, сопругата, синот, ќерката, а синот Виктор Ефтимов заигра на терен во тимот на „Гевгелија ветерани“ полн со спомени, подголтнати солзи, но најмногу гордост за својот татко.

Одлична организација од ОК „Гевгелија ветерани“ кои не заборавија да ги споменат сите одбојкари кои веќе не се меѓу нас и постхумно да им доделат признанија и на членовите на нивните семејства, на екипата активни одбојкари ветерани, на спонзорите кои го помогнаа настанот.


Нека е вечна слава на Љубе кој на ваков спортски начин ги собра одбојкарите да спортуваат, да се споменуваат, да другаруваат!




















