Внимавајте ако патувате во Грција – стапија на сила нови правила за учесниците во сообраќајот кои може да ве чинат казни, нервози и непријатен престој кај соседите.
Возачите кои планираат викенд патување, или летување во Грција оваа сезона треба да бидат подготвени за нови строги правила. Со стапувањето во сила на новиот Закон за сообраќај, Грција воведува нов стандард за прва помош (DIN 13164:2022), кој е значително поскап и пообемен од претходниот.
Наместо стариот сет кој чинеше неколку евра, новиот комплет чини околу 31 евро. Казната за несоодветна прва помош изнесува 30 евра, а сетот мора да содржи 16 клучни нешта, меѓу кои термо-ќебе, специјални облоги за изгореници и заштитни маски.
„Мерките веќе стапија во целосна сила и радикално го менуваат секојдневниот живот на возачите. Претходното ограничување во населени места од 50 км/час сега е намалено на само 30 км/час“, пренесува грчка „Прототема“.
Покрај новата прва помош, задолжително е во возилото да имате и противпожарен апарат, триаголник, рефлектирачки елек и резервна гума.




















