Доаѓа нов атлетски динамит од Југот на Македонија, Максим Ангов, седмоодделенец од Богданци.
Веќе четврта година како тренира атлетика и е редовен освојувач на подиуми и медали од трките во Македонија и регионот во детска конкуренција.
Денеска за прв пат истрча трка од 10 километри во Скопје на „Скопје трча / Халк еко“ и постигна време од 40 минути и 28 секунди. Ова е извонредно време за еден 12 годишник каков што е Максим. Овие 40 минути на трасата го позиционираа на 62-то место меѓу 1151 учесника на трката „Скопје трча“ во сениорска конкуренција мажи.
Познатиот атлетски тренер Игор МЦ Јакимовски е пријатно изненаден од неверојатниот резултат на Максим:
- „Дете на 12 години возраст издржа на просечен пејс од 04.03 км/мин и тоа на денешниот скопски пекол ден. Н Е В Е Р О Ј А Т Н О ! Пред само десетина дена со неговиот татко го опремивме да трча со најбрзата „Асикс роуд“ патика и не згрешивме бидејќи денес тој пак нас не’ награди со овој фантастичен резултат. Бидете сигурни во едно… Гевгелија и АК „7ми Ноември“ ги има најголемите таленти во атлетиката на средни и долги патеки од основните училишта.
Браво Максим, браво АК „7ми Ноември“ – напиша познатиот Игор МЦ Јакимовски, кој е тренер на македонскиот Олимпиец Дарио Ивановски.

Максим Ангов е 12 годишник од Богданци, член на АК „7 Ноември“ од Гевгелија. Со својот тренер Тодор Анчев работеше една година самостојно, а продолжи како член на „Школата за атлетика“ при АК „7 Ноември“ Гевгелија каде тренери се Влатко Семенаков и Тодор Анчев, професори по спорт и самите активни атлетичари и тренери.
Максим веќе две години по ред изненадува на трасите од 5 километри каде се натпреварува во сениорска конкуренција за мажи, што не е категорија за деца. Се приближуваше секогаш меѓу првите 5-мина, или првите 10-торица. 10 километарскиот предизвик кој го истрча денеска е најава дека ова дете, атлетски динамит од Југот, се спрема да ја премине физичката граница од деца во сениорска конкуренција пред да ја премине возрасната граница за подолгите трки.
Максим, атлетското чудо од Југот, уште расте, напредува, трча и се спрема за нови победи. Браво Максиме!!




















