Изминатиот викенд во Струмица се одржа еден од најголемите и најзначајни танцови натпревари во регионот – „Артист Хаб“, на кој учествуваа повеќе од 1.700 натпреварувачи од Македонија и од странство.
Меѓу бројните танцови студија свое претставување имаше и „Мистик студио“ од Гевгелија, кое настапи со свои натпреварувачи и повторно покажа дека во Гевгелија растат млади и перспективни танчери.
Најголем успех постигна младата Мелани Вацев, која го освои второто место во категоријата хип-хоп, возраст „мини“ (деца до 8 години), во конкуренција од 17 натпреварувачи. Особено значајно е што првото место му припадна на натпреварувач од Србија, што дополнително ја истакнува вредноста на овој успех во силна меѓународна конкуренција.
На Мелани ова не и’ е прв настап на „Артист Хаб“ танцовиот натпревар. Минатата година таа освои Прво место во категорија „Street Dance show“ соло настап. Истата 2025 година учесничките од „Mystic Dance“ Гевгелија освоија шест награди во поединечна и групна конкуренција.

Во присуство на најдобрите студија за урбани танци во државата и регионот и годинава „Мистик студио“ уште еднаш докажа дека е место каде што се раѓаат таленти, посветени млади уметници и идни шампиони, успешно носејќи се рамо до рамо со многу поголеми студија.
Честитки за освоениот подиум од Мелани и за посветениот труд на менторот и уметнички кореограф Александар Аврамов.





















