Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе Обвинителен предлог со кој побара и определување мерка притвор за едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
При вршење семејно насилство, ноќта меѓу 18 и 19 јули, обвинетиот телесно ја повредил неговата сопруга по претходна вербална расправија во домот околу тестаментот што го потпишала мајката на оштетената. Тој почнал да ја навредува оштетената, а потоа и физички ја нападнал, удирајќи ја со боксови и клоци во главата и телото и нанесувајќи и телесни повреди – повеќе крвни подливи.
Вечерта на 19 јули, откако оштетената го пријавила во полициската станица и заминала во куќата кај нејзината ќерка, обвинетиот испратил СМС порака со заканувачка содржина на телефонот на ќерката дека ако сопругата не се врати дома тој купил 10 литри бензин и ќе ја запали куќата, со што кај нив предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
- „Имајќи ги предвид сите околности, а особено фактот дека обвинетиот ги сторил кривичните дела во услови кога е осуден за претходно сторено кривично дело загрозување на сигурноста и му е изречена мерка – условна осуда 3 месеци, а за која рокот на проверка од 1 година се уште трае, јавниот обвинител оцени дека е неопходно да предложи да му биде определена мерка притвор додека трае новата постапка против него“ – стои во соопштението од ОЈО Гевгелија..
За семејното насилство извршено ноќта меѓу 18 и 19 јули во Гевгелија, известуваше и МВР од Полицискиот извештај на ОВР Гевгелија. Во истиот е наведено дека:
- „На 19.07.2026 во 21:35 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода Љ.М.(67) од Гевгелија. Според пријавеното, тој агресивно се однесувал кон неговата 66-годишна сопруга, а претходната вечер во семејниот дом и физички ја нападнал, при што и нанел повреди на телото. Лицето е задржано во Полициската станица Гевгелија и за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“ – стои во полицискиот извештај за случајот на семејно насилство во Гевгелија.
Понатаму постапката продолжува пред Основниот Суд во Гевгелија, а за сторителот се бара да остане во притвор додека трае постапката за него.



















