Со пригодна свеченост денеска беа отворени просториите на Дневниот Центар за престој на стари лица во Гевгелија.
На настанот присуствуваа претставници од институциите кои го имплементираа проектот и имаа свое обраќање за медиумите:
– Ѓоко Велковски, Министер за социјална политика, демографија и млади;
– Андон Сарамандов, Градоначалник на Општина Гевгелија, и
– д-р Саит Саити, Генерален секретар на Црвениот Крст на Македонија.
Центарот се наоѓа на приземје од ТЦ “Лепа Брена” во Гевгелија и истиот можат да го посетуваат лица од 65+ години од Општина Гевгелија и населените места.
Центарот е воспоставен во Општина Гевгелија преку Проектот за „Подобрување на социјалните услуги на Министерството за социјална политика, демографија и млади“. Апликант е Општина Гевгелија, додека давател на услугата е Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Гевгелија. елата инвестициска заложба тежи околу 1.000.000 денари.
Со воспоставувањето на Центарот ќе се обезбедува достапна, квалитетна и континуирана социјална услуга во заедницата, наменета за лица над 65 години, особено за оние кои живеат сами или со брачен партнер, се изложени на ризик од осаменост и социјална изолација или имаат потреба од дневна поддршка, дружење и активен начин на живот.
Центарот има капацитет за 50 корисници, а ќе работи пет дена во неделата. Активностите ќе се организираат согласно индивидуалните потреби, можности и интереси на корисниците.
- „Во рамки на новоотворениот Дневен Центар ќе се реализираат социјални, културни, едукативни, креативни, рекреативни и здравствено-превентивни активности, со цел подобрување на квалитетот на животот, одржување на функционалноста, поттикнување на активното стареење и поголема вклученост на повозрасните лица во локалната заедница“ – истакна Министерот Велковски на средба со пензионерите од Гевгелија кои го посетија Центарот на денешниот свечен чин.






















