Атрактивниот пеликан кој веќе две недели ги разубавуваше плажите на Дојранското Езеро и беше селфи атракција за посетителите, туристите, а особено децата, веќе доби ветеринарна помош и е згрижен во објект од локалните рибари.
Тивок, стамен со својата појава, ненападен и молчелив во својата мака овој пеликан остана на брегот од Дојранското езеро без друштво од својот вид, без да полета кон своето јато, без да се склони во гнездото во ноќните часови. Остана дилемата: Дали е стар за преселба, или ранет па не може да одлета?
Дилемата ја реши ветеринарниот лекар Ристо Ичков од Богданци кој констатирал дека птицата е ранета под крилото и со така повредено крило не може да полета.
На птицата и’ е пружена соодветна ветеринарна помош. Пеликанот прими терапија, витамини, антибиотици и дексаметазон и наместо осамено да пати на брегот од езерото, преместен е во објект каде што престојуваат рибари. Овде ќе биде чуван додека не зарасне крилото, рибарите ќе го хранат во иднина, бидејќи во ваква состојба тој не може сам да лови. Па, потоа, среќата сам ќе си ја бара ако го повика „гласот на дивината“, гласот на неговото јато.

Оваа убава вест за човековата грижа кон природниот свет ја пренесе Бојана Бојаниќ од Србија која самоиницијативно се погрижи за птицата, најде ветеринар и сместување.
- „Сакам да ги известам сите што го виделе повредениот пеликан деновиве дека тој доби ветеринарна помош.
Пеликанот бил застрелан под крилото, но повредата не е опасна по живот. На оној што пукал во птицата – нека му се случи сè она што му го посакувам од дното на срцето!
Голема благодарност до сите луѓе што помогнаа во оваа акција, а особено до ветеринарот д-р Ичков од Богданци“ – објави Бојана на социјалните мрежи.
Ете, сепак проработе човековата емпатија кон дивиот свет на природата. Можеше и порано тоа да се случи, да не страда птицата. ама…


















