По катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија и хуманите донации од граѓаните и правните лица во Македонија, денеска Црвениот крст на Македонија информира дека биле собрани вкупно 63.380.807 денари и тие ќе бидат распоредени на следниот начин:
– Паричен износ од 12.427.334 денари, се испратени на сметката за Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, за помош на настраданото население во Сирија;
– 50.909.796 денари, да се наменат за изградба на училиште во градот Малатија во Турција.
Оваа одлука е донесена заеднички помеѓу Црвениот крст на Република Северна Македонија по направените преговори со Турската Црвената Полумесечина.
Новото училиште ќе го носи името на нашата држава, Македонија, а 32 училници ќе ги носат имињата на градовите на нашата држава кои помогнаа во хуманитарните и спасувачки акции со испраќање на свои екипи за извлекување на преживеани лица од под урнатините.
Една училница треба да го носи и името на Гевгелија која испрати свој тим за помош на настраданите, помош во чистењето на рушенините и спасувачките мисии за извлекување преживеани лица во градот Адиаман во Турција.
Овој акт ќе остави траен белег и доказ за солидарноста на граѓаните на РСМ кон граѓаните на Република Турција.