Петра Лазарова почина вчера на 2 јануари на 80 годишна возраст, после долга борба со најзлокобната болест во светот.
Петра беше послевоено дете, родена во 1945 година во с.Смоквица, гевгелиско, во семејството Зарлинови, каде го помина детството, а во 1959 година го започнува своето школување во гевгелиската Гимназија.
После матурирањето завршува Школа за дактилограф и се вработува во Основниот Суд во Гевгелија. Овде го помина целиот свој работен век со одговорен однос во служба на професијата и правдата.
Петра беше тивка личност, добар другар, пресретлив пријател, желна да помогне секому. Знаеше да прави убави торти, слатки, кифлици, ролати, и за своите мерак гости, и за познаници нарачатели кои за домашни слави ги сакаа тортите на Петра на својата трпеза, како послужување за домашните гости и пријатели.

Петра не беше општествено активен лик, но нејзините потомци оставија трага во заедницата и политиката. Петра е мајка на адвокатот Никола Лазаров, дипломец и Магистар по правни науки на Универзитет во САД кој преку Фондацијата УСАИД придонесе Основниот Суд во Гевгелија некаде 2005-2008 да добие реновирани нови судници со нова опрема, компјутери, столарија, систем за водење записници, реновирање на шалтер службите, реновирани чекални, соби за медитација, се’ во сужба на модернизирање на условите за работа на Судот.
Петра е тетка на Кочо Анѓушев (син на нејзина сестра омажена во Велес) — македонски стопанственик, универзитетски професор, поранешен заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Семејството, соседите, пријателите денеска се простија за последен пат со Петра која беше погребана на Градските гробишта во Гевгелија.
Нека почива во мир!





















