Граѓаните на општина Дојран вчера во изборниот ден од ЛИ 2025 го избраа новиот градоначалник на општина Дојран, тоа е Илија Тентов, кандидатот од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“.
Тентoв доби поддршка од 1.183 граѓани, што е 60,76% од електоратот кој излезе на дласа во вториот изборен круг, наспроти противкандидатот од коалицијата на СДСМ Ристо Џинев кој освои 679 гласови од електоратот.
Се гласаше на 8 избирачки места со впишани 2.631 граѓани со право на глас, а излезноста во вториот изборен круг за избор на градоначалник беше 72,78%, односно гласале 1.912 граѓани. Ова е речиси двојна излезност од просекот во државата кој изнесува 40%, што покажува голем интерес и свесност на граѓаните од Дојран да учествуваат со својот глас во креирањето на локалната политика.

Илија Тентов (37 години) денеска се заблагодари за довербата од своите сограѓани на социјалните мрежи со пораката:
– „Драги мои Дојранчани!
Од длабочината на мојата душа ви благодарам за довербата, љубовта и поддршката!
Оваа победа не е само моја – ова е победа на сите нас, на луѓето што веруваат во чесност, труд и подобро утре!
Благодарам Нов Дојран, Стар Дојран, Фурка, Црничани, Николиќ, Ѓопчели и Куртамзали!
Вашиот глас е мојата сила, вашата вера – моја обврска!
Заедно ќе работиме, ќе изградиме посилен, почист и поблескав Дојран, место на гордост и сплотеност.
Ние сме единство, од денес ние сме тим!
Благодарам драги мои сограѓани!“




















