Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, ја одржа својата прва полноќна божиќна миса во базиликата „Свети Петар“, велејќи им на христијаните дека приказната за Божиќ треба да ги потсетува на нивната должност да им помагаат на сиромашните и странците.
Во проповедта, папата рече дека приказната за Исус, кој е роден во штала бидејќи немало место во гостилницата, им покажува на следбениците дека одбивањето да им се помогне на оние на кои им е потребна помош е еднакво на одбивање на самиот Бог.
Папата Лав XIV, кој откако дојде на чело на Ватикан како водач на 1,4 милијарди католици во светот, избра грижа за имигрантите и сиромашните, рече дека раѓањето на Исус го покажува присуството на Бог во секоја личност, објавува „Гардијан“.
- „Нема место на земјата за Бог ако нема место за човечко суштество. Отфрлањето на едниот значи отфрлање на другиот“, рече папата за време на мисата на која присуствуваа околу 6.000 верници во базиликата „Свети Петар“.

Папата Лав XIV упати апел за 24-часовен глобален мир за време на празникот Рождество Христово, повикувајќи ги сите страни во вооружените конфликти барем еден ден да го прекинат насилството.
- „Барем за празникот на раѓањето на Спасителот, нека биде почитуван еден ден мир – 24 часа мир во целиот свет“, изјавил папата.
Денес, на Божиќ според грегоријанскиот календар, Папата ќе служи миса и ќе ја одржи традиционалната божиќна „Порака до градот и светот“ (Urbi et Orbi).




















