Првиот подкаст на македонски јазик што ќе се снима и емитува во Америка е творештво на македонското девојче од Гевгелија, Марија Главчева кое за прв пат заплива во новинарските води тако тинејџерка, на свои 14 години станувајќи водител на младинската емисија „Шоу тајм“ што се емитуваше секој петок и сабота на „Радио Телевизија Гевгелија“.
Марија денеска е реализирана жена, сопруга, мајка на две малолетни деца, живее во Америка и ете мисли за нашинците таму и за информациите кои ги носи светот од далечина. Дали се тоа судбини или искористени животни шанси, дали е тоа определба, или прилагодување на новите стремежи во модерното време, дали е тоа професионално себереализирање или вклопување во светот на глобалната економија се прашањата кои ќе ги откриваат гостите на подкастот „Марија во Америка“.
Марија дипломираше новинарство на Универзитетот УКИМ во Скопје. Овде ја донесе магијата која ја создаваше и примаше од РТГ после четиригодишното учество во младинската емисија „Шоу тајм“ каде се создаде дружина од соработници, сниматели, монтажери, сите младинци, средношколци од Гевгелија.
Марија учествуваше во реализацијата на ПРВО НАГРАДЕНАТА телевизиска емисија „Сплитски ретровизор“ на Фестивалот Денови на Македонското радио, што го организираше Здружението на локалните радиодифузни претпријатија во Македонија.
Магијата на микрофонот, откривањето, наградите, Дипломата по новинарство ја однесоа Марија на работни проекти од националните радиодифузери во Македонија, „Канал 5“, „Македонското радио“, Евровизискиот проект и многу други.
Марија уште како млада беше извонредно љубопитна и секогаш посегнуваше по нови работи, нови откритија, нови проекти. Посака да го запознае и светот и да известува за светот. Замина на работа во Америка. Еве ја денеска не’ известува дека пак ќе може да ја следиме со теми, гости, судбински патишта со нашинците од Америка.
Поткастот ќе се емитува секоја среда во 19 часот по македонско време, односно 12 пм по централно време во САД.
Среќно Марија!



















