Европското првенство во футсал за 2026 година се одржува од 21 јануари до 7 февруари во Словенија, Литванија и Летонија, со учество на 16 репрезентации поделени во 4 групи.
Македонските арбитри Доне Ристовски и Марјан Младеновски се меѓу избраните 32 судии од Европа, селектирани според ригорозни физички, теоретски и практични тестови на УЕФА.
Вчера на 22 јануари тие го имаа првото судење на натпревар од ЕП во футсал од групта Б, помеѓу репрезентациите на Ерменија и Украина. Во групата Б ќе се натпреваруваат: Летонија, Хрватска, Грузија, Франција
Ќе се осврнеме малку на Доне Ристовски, професор по спорт во ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци, поранешен спортист, фудбалер на ФК „Кожуф“ Гевгелија, спортист и спортски судија за фудбал и футсал. Како спортски професионалец и професор по спорт од нашиот крај кој ја претставува Македонија на спортските Европски настани во футсал како судија, вреди да дознаеме нешто повеќе за неговата спортска определба и судијско искуство.
- „Фудбалот беше за мене се’, по завршувањето на Факултетот за физичко образование и спорт, за да останам активен во фудбалот, преку ОФС Гевгелија поднесов барање да станам фудбалски судија, а одговорните луѓе од ОФС Гевгелија го прифатија моето барање и од таму почна целата успешна приказна“ – ги објаснува своите судијски почетоци Доне Ристовски.

Тој вели дека секоја професија си има своја тежина, па и судијската, која ја обавува со љубов кон спортот и посветеноста кон спортот, така што тоа што го работи како спортски судија е нешто што го исолнува и покрај професорската работа со учениците, па вели дека „после секој добро суден натпревар чувството е добро“.
Доне е спортски судија за фудбал и футсал. УЕФА му даде доверба да суди на најголемите спортски настани во футсал уште во младинските конкуренции.
- „УЕФА ми даде шанса во 2023 година да бидам дел од Европското првенство за младинци (У-19) што се одржа во Пореч, Хрватска. Настапив одлично на терен како судија и го судев полуфиналето помеѓу португалија и Словенија кое заврши со резултат 3 : 2 за Португалија. УЕФА ми ја довери судијската задача со доверба да го судам и финалето помеѓу Португалија и Шпанија каде што бев дел од судискиот тим.
Во 2025 повторно бев дел од Европското првенство за младинци У-19 што се играше во Молдавија и за мое големо задоволство УЕФА повторно ми довери важна задача да го судам полуфиналсниот натпревар“ – изјавува Доне за своето Европско искуство како судија на спортски настани во футсал.
Секако додека бил на терен помеѓу играчите и пресудувал брзо и праведно, квалитетот оставил трага и кај челниците на УЕФА кои на македонскиот судија Доне од Гевгелија, Македонија му ја доверува судиската задача за ЕП во футсал и за оваа 2026 гдина.

- „УЕФА ме селектираше за потенцијален судија за ЕУРО 2026 за сениори, па бев повикан на контролен семинар во Словенија во октомври минатата година. За мое големо задоволство УЕФА ме извести дека сум ги поминал сите можни тестови успешно и со тоа бев повикан да станам дел од судијскиот тим на ФУТСАЛ ЕУРО 2026“ – ја потврдува Ристовски својата трета година по ред судијска улога на Европското првенство во футсал со укажаната доверба од УЕФА.
Прецизен во пресудите, но и праведен на терен, Ристовски потенцира дека зад секој индивидуален успех стои системска поддршка и доверба.
- „Без поддршка од ФФМ и од целокупната судиска организација сето ова нема да беше можно, јас сум само една коцка од целосниот мозаик. Со многу труд и посветеност докажав дека и еден судија може да биде дел од најдобрите во Европа“ – вели Доне за „Спортска мрежа“.
Доне веќе е на терените и суди натпревари од групата Б на Европското првенство во футсал 2026 година. Соништата се остваруваат само со упорност, посветеност, дисциплина и верба во успех.




















