Последните дождови од оваа недела донесоа воден талог од 17 литри дожд на 1 метар квадратен на подрачјето на општина Дојран, а од тоа на површина од 43,1 km2 колку што зафаќа површината на Дојранското езеро, „паднаа“ околу 43.000 литри дождовна маса во езерото.
Овој фактор, како и природните водотеци кои се влеваат во езерото придонесоа нивото на Дојранското езеро денеска да биде осетно покачено и изнесува 50 сантиметри над „0-та“ котата.
Сепак, сегашното ниво е за 82 сантиметри помалку од договореното ниво на езерото со соседна Грција.
Порастот на 50 cm од „0-та котата“ е покачување од цели 17 сантиметри за период од изминатите 12 денови од следењето на нивото на езерото, во текот на месец јануари (последниот податок е од 28 јануари) и почетокот на февруари.
Свој придонес во подобрувањето на хидролошката состојба на езерото има и водотекот на Стара река која се влева во Дојранското ез. кај плажата „Николич бич“. Таа извира од Беласица и има течение долго 9 километри, а својата водена издашност му ја „поклонува“ на езерото.
Видеото кое ни’ го испрати нашиот читател Костадин Ласов од Николиќ го прикажува токму сливот на Стара река во езерото кое му подарува бистри планински води на Дојранот.
Мирните води на Дојранското езеро и убавината која им ја пружа на посетителите викендов бликаат од благодарност кон природата која не остави езерото да ја изгуби својата биолошка одржливост туку го награди со дождови и речни водотеци.
Природата се погрижи, останува и ние да се погрижиме за одржување на оваа природна езерска убавина!



















