Првиот четврток во првиот пролетен месец од годината, пазарниот ден во Гевгелија поминува во знакот на пролетта и цвеќето пред престојните 8-мо мартовски празнувања.
Цветно е и зелено, работно и насмеано, сите влегуваат со желба да испазарат убаво, а изглегуваат со полни ќеси и торби здрави домашни производи одгледани на гевгелиското сонце и околината.
Нека е на здравје!
Ги прашавме пазарџиите како оди пазарниот ден, зошто има толку малку купувачи во 13 часот, а некои тезги и ја прибираа својата изложена роба за заминување.
– „Па нема многу луѓе како некогаш. Најредовни се пензионерите од сабајле и грчките граѓани во текот на денот. Нема млади. Младите заминуваат“ – вели еден постар пазарџија, сопствен производител и изложувач на својата тезга.
– „Треба луѓе за пазар да увеземе“ – дофрла шеговито друг пазарџија кој ја слушна полемиката зошто има малку купувачи во текот на денот.
Забележавме „Можеби чекаат плата луѓето. Можеби тоа ги спречува да дојдат да пазарат?“
- „Ааа, плата… Пензионерите веќе примија пензија, тие доаѓаат да пазарат. А, младите не стекнале навика да пазарат на пазар, туку се паркират со џипот пред пиљара и таму купуват што им треба“ – се вклучува трет пазарџија во разговорот.
Тоа се некои нови навики на новите генерации кои ги забележуваат пазарџиите зошто велат само постари граѓани доаѓаат да купуваат на пазар.
– „Не е маката само тоа што младите не купуваат на пазар, туку нема млади да појдат на нива да помогнат на своите домашни кои од земјата вадат род наменет за пазар. Ниту садат, ниту орат, ниту берат. Велат: „Еве ти тато 1000 денари плати некој да ти ја изора нивата.“ На кого да ги оставиме нивите потоа кога ќе неможеме да работиме веќе?“ вели и самиот се прашува пазарџија, самостоен земјоделец.
Го напуштивме пазарот во 13:30 часот прашувајќи се како исчезнала магијата на пазарниот ден со полно луѓе и меѓусебни разговори, со досетки, шеги, смеа, прегратки на лица кои одамна не се виделе, а се сретнале на пазар, паднале покани за посета и кафе пијачка….
Пазарџиската роба се прибираше полека во големите бели комбиња, во приколките, во големите кутии за собирање на изложеното. Толку, од целиот 8 часовен работен пазарен ден, едвај 5 часа тезгите се изложени на верните поклоници на пазарџиската традиција, да ги прошетат тезгите наредени по сортимент производи, да ги одберет најцрвените домати, најзелената марула, најкрупниот спанаќ … И пред 15 часот пазарот е празен, не се чекаат фабричките работници да излезат од халите и да дојдат да пазарат домаќински. Нови времиња, нови навики… Но, храна и производители на храна мора да има и мора да им дадеме потстрек да работат, да опстојат, да произведуват земјоделците, овоштарите, сточарите, за да опстои и човештвото.



















