Македонскиот тенис слави голем момент, а Лина Ѓорческа испиша нова страница во спортската историја. Најдобрата македонска тенисерка за првпат во својата кариера обезбеди пласман во главниот турнир на еден Грен слем, и тоа на најпрестижниот – Вимблдон.
Тетовчанката со трите победи во квалификациите стана првиот македонски тенисер или тенисерка што ќе настапи во главната рунда на Вимблдон, а покрај историскиот успех, оствари и најголема заработка во својата кариера.
Самото учество во главниот турнир на најпознатиот светски тениски турнир на Ѓорческа ѝ носи загарантирани 80.000 британски фунти, односно околу 100.000 американски долари. Доколку успее да ја мине првата рунда, нејзината заработка ќе се зголеми на 126.000 фунти, што претставува дополнителен финансиски поттик за македонската тенисерка.

За Ѓорческа, сепак, најважно е што со својот пласман веќе испиша историја и ќе има можност да се натпреварува со најдобрите светски тенисерки на најпрестижната тениска сцена.
Денеска веќе е позната првата противничка која ќе ја има на терените на Вимблдон, во првото коло од главниот турнир на гренд слем турнирот. Ѓорческа која е прва македонска тенисерка што ќе игра во сингл конкуренција на завршница на гренд слем турнир, ќе игра против Американката Анисимова.
Анисимова е шеста на ВТА листата и тенисерка која минатата сезона играше во финалето на Вимблдон. Тоа само потврдува дека Ѓорческа доби исклучително тешка противничка во дебито на главниот турнир на еден гренд слем.
Македонската тенисерка испиша историја откако победи во сите три квалификациски дуели од неофицијалното светско тениско првенство. Лина ги победи Фита Болуда од Шпанија со 2:0, Жорге од Португалија со 2:1 во сетови и Бронзети од Италија со 2:0.



















