Утрово три противпожарни единици учествуваа во извлекувањето на приклештено лице во превртено возило на пат кон Дојран.
На терен интервенираше ТППЕ Гевгелија со едно возило и три пожарникари, ТППЕ Валандово со 1 возило и 2 пожарникари и ДППД Дојран со 1 возило и 2 пожарникари.
Акцијата за извлекување на загрозениот возач од превртеното возило траеше речиси час и половина, од 05:30 до 06:55 часот изутринава. Спасена е жена која за среќа претрпела само полесни повреди.

Сообраќајката е пријавена утрото на меѓународниот број за итни случаи за помош 112 и пријавено е превртено комбе со тројца заглавени на раскрсницата за Дојран према Ѓопчели.
На повикот за помош на меѓународниот телефонски број одговориле трите најблиски пожарникарски екипи од Гевгелија, Валандово и Дојран.

Спасувачките дејствија ги завршила екипата на ТППЕ Гевгелија. Од таму велат дека по повикот, на терен затекнале едно превртено возило „Берлинго“ и една заглавена жена која е успешно извлечена од превртеното возило на кров, со претрпени полесни повреди.
Увид на местото на настанот изврши и екипа на ПС Гевгелија.




















