Познатиот македонски актер Гоце Тодоровски почина синоќа на 75-годишна возраст.
Тажната веста ја соопшти неговата ќерка Сашенка преку социјалните медиуми.
– Го изгубивме, се предаде Гоце Тодоровски, почина, фамилијата Тодоровски ја објавува најтажната вест, по голема борба, го напушти овој свет, лесна ти земја, татко мој, вечен непребол. Душата не умира, а телото е премногу истрошено сега, летај со ангелите…. – објави ќерка му.
Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. По завршувањето на Факултетот за драмски уметности при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во класата на професорот Илија Џувалековски, се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Подоцна бил гостин и во други театарски куќи, беше дел од многубројни театарски престави, телевизиски серии, филмови, хумористични радиоемисии.
Драмскиот театар денеска соопшти дека на 75-годишна возраст почина Гоце Тодоровски, пензиониран актер и долгогодишен член на ансамблот на Драмскиот театар Скопје. Со неговото заминување, велат од таму, македонскиот театар, филм и телевизија загубија уметник чиј талент речиси половина век беше дел од колективната меморија на публиката.
– „Гоце Тодоровски не ја бараше наклонетоста на гледачите. Ја освојуваше уште со првото појавување на сцената. Неговата игра имаше ретка непосредност: прецизен актерски ритам, што изгледаше сосема природно, жива мимика, препознатлив гест и оној мангупски шарм со кој умееше да ја пренесе играта од сцената во гледалиштето. Неговата комика никогаш не беше само ефект. Зад смеата стоеја дисциплина, инстинкт и длабоко разбирање на човечките слабости“ – се вели во соопштението.
Основното, средното и високото образование ги заврши во Скопје, а во 1976 година дипломира на Отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа. Уште како студент учествувал во продукции на Драмскиот театар Скопје, каде што во 1978 година станува постојан член на ансамблот. Во Драмски останува до пензионирањето во 2018 година оставајќи зад себе четири децении посветеност на театарот што беше негов уметнички дом.
На матичната сцена оствари 43 улоги во претстави од разни жанрови. Неговата театрографија почнува со „И бол и бес“, а во текот на годините ги создаде Цанде во „Солунски патрдии“, помалиот брат во „Чудото на свети Ѓорѓи“, Мачорот Џингискан во „Мачорот Џингискан и Мики Траси“, Ачко во „Викенд на мртовци“, Питу во „Сара Бернар“, сер Тоби Ждригало во „Ноќ спроти водици“, Петар во „Собирен центар“, Главниот во „Ова не е американски филм“, Панталоне во „Арлекин или слуга на двајца господари“, Осман-бег во „Ладало“ и многу други. Ставре во „Како да се ограби банка“, беше неговата последна улога на сцената на Драмскиот театар.
Тодоровски беше дел од три претстави што прераснаа во вистински театарски феномени: „Солунски патрдии“, „Болва во уво“ и „Викенд на мртовци“. Секоја од нив живееше на сцената повеќе од две децении, со генерации гледачи што ги знаеја ликовите и репликите речиси како дел од сопствените семејни приказни. Во „Солунски патрдии“ критиката неговата изведба ја опиша како речиси самостојна артистичка вечер истакнувајќи ја леснотијата со која се преобразуваше од лик во лик, како и свежината и неповторливоста на неговите комични нијанси.

За улогата на Цанде во „Солунски патрдии“ во 1980 година ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Во 1986 година е прогласен за најпопуларно телевизиско лице, во 2020 година ја добива наградата „Свети Јоаким Осоговски“ за значаен придонес во театарот и уметноста, а во 2023 година е одликуван со Орден за заслуги за Република Македонија. Во 2025 година фестивалот „Војдан Чернодрински“ му ја додели наградата за животно дело, признание за актерскиот пат што одамна беше станал дел од историјата на македонскиот театар.
Гоце, ти благодариме за секоја претстава, за секој лик и за секоја насмевка – нагласуваат од Драмски.
Скршена од болка, ќерката Сашенка напиша:
„Го изгубивме, се предаде Гоце Тодоровски, почина.
Фамилија Тодоровски ја објавува најтажната вест после голема борба. Го напушти овој свет, а ми вети…
Срцето не издржа, престана да работи.. го реанимираа направија сè, престана да дише на кислород ставен, практично апаратурата го држеше.
Не издржа бе татко, невидена желба за живот…
Лесна ти земја татко мој вешен непребол. Душата не умира, а телото е премногу истрошено. Сега летај со ангелите…
Уште кога си замина кумац Ванчо, замина и дел од тебе – остана без една половина.
Иако пензионирани, не се помири и готово! Крај! Сега барем знам дека сте заедно, тандем на овој, па и на оној свет“.




















