Младата Весна Чакалова од Богданци во периодот од 7-12 мај, 2025 година учествуваше на Интернационалниот избор на убавина „Miss Elite Global 2025“ каде што ја освои титулата „The Grace Empress 2025“, (Грациозната царица / Царица на елеганцијата, или Мис на елеганцијата).
Оваа титула Весна ја понесе како претставника на Македонија на овој престижен избор понесувајќи ја круната за „The Grace Empress“ за 2025 година.
– „Јас бев директно поканета да учествувам на овој избор од страна на организаторот на „Miss Elite Global“ од Индија. Аплицирав и бев избрана како претставник од Македонија“ – вели за GevgelijaNet нашата македонска убавица од Богданци, Весна Чакалова.
Таа сподели впечатоци од овој настан на убавината и гламурот:
– „Изборот за Miss Elite Global за мене претставуваше многу повеќе од натпревар за убавина. Тоа беше можност каде што имав прилика да ја изразам мојата грациозност, самодоверба и личен став, но и да покажам дека вистинската убавина доаѓа однатре – преку карактерот, интелигенцијата и вредностите што ги носам. Особено значајно за мене беше запознавањето со другите кандидатки – инспиративни девојки од целиот свет, секоја со своја уникатна приказна, култура и визија. Го доживеав настанот како чест и привилегија, бидејќи ми овозможи да ја претставувам својата земја со гордост, стил и достоинство“ – ги опиша Весна своите лични доживувања од настанот.
Стручно жири ги оценуваше кандидатките, а Весна својата нова титула „The Grace Empress 2025“ ја понесе во конкуренција од 9 девојки од Светот.
Со каква ли позитива зрачела нашата македонска претставничка за да биде прогласена за „Царица на грациозноста, милосрдноста, благодатноста“. Отука и впечатокот што го понела самата Весна по крунисувањето е како ново откровение за неа:
– „Ова искуство ми даде инспирација и мотивација да бидам амбасадор на позитивни промени, женска сила и елеганција, каде и да одам“ – заклучува Весна.
Богданчанката Весна која ги освојува светските титули за убавина по занимање е психолог, семеен и системски советник. Можеби сето професионално знаење освен за советување на клиентите умее да го сосредоточи во корист на својата внатрешна сила и убавина. Таа е носител на повеќе титули за убавина:
– „Miss Global International 2022“ (Истанбул, Турција) – прва придружничка на изборот ,,Miss Global International 2022”, а ја понесе и титулата ,,Мiss Glamorous“;
– „Balkanski Top Model 2022“ – титула „Miss Face“;
– „Top Model Of The Universe“ 2022 – титула „Miss Tourismo“.
Весна Чакалова е пленик на уметноста и убавината, па редовно учествува на меѓународни модни ревии, каде претставува креации на светски познати дизајнери. Во 2023 година беше дел од „Fashion Show“ во Дубаи каде презентираше модели на светски познатата дизајнерка Marjan Delkhah.
Препознаена по витата става, долгите нозе и фотогеничниот лик Весна продолжува да се движи по патеките на модата и убавината, веројатно со намера да ја реализира својата мисија да биде амбасадор на позитивни промени, женска сила и елеганција.
Што да и ‘ посакаме на оваа самоуверена девојка освен честитки за новата титула и понатамошен успех – со убавина да го освојува светот!