Поранешниот градоначалник на Кавадарци и пратеник во македонското Собрание, Панчо Минов починал денеска, на 67-годишна возраст.
Минов во два мандатa беше градоначалник на општина Кавадарци од 2000 до 2009 година.
Во Собранието беше пратеник во два навратa, прво од 1990 до 1998 година, а втор пат од 2016 до 2024 година. Беше пратеник на Либерална партија, на ГРОМ и на СДСМ.
Минов е роден на 21 август 1958 година во Кавадарци.
Во своето политичко делување Минов покажуваше особен интерес во борбата за потребите на земјоделците, особено за лозарите од Тиквешкиот регион.
Минов беше шест мандати на политичка функција, односно 24 години активен функционер, застапувач на интересите на кавадаречките граѓани како локален функционер и на макдеонските граѓани како член на Парламентот.
Беше дипломиран политиколог, дипломец на Белградскиот универзитет за политички науки.
На социјалните мрежи од него се простуваат пријатели, политичари и јавни личности.
Поранешниот градоначалник на Кавадарци, Панчо Минов, кој почина денеска, беше носител на Независна листа за Локалните избори 2025.
Од Општинската изборна комисија Кавадарци за МИА информираат дека утрово добиле информација дека Минов починал за што ќе ја известат Државната изборна комисија.
- Утрово добивме потврдена информација. Сега ние ќе известиме до Државна изборна комисија. Има законски пропишана постапка, во случај на смрт на еден од кандидатите, особено носител на советничка листа. Мислам дека сѐ уште не се отпечатени ливчињата. Натаму, ќе ни кажат што, како да постапиме. Ваков случај првпат сега имаме – рече Емилија Петровска, претседател на ОИК.




















