Дванаесет годишниот фудбалер на ФК „ЏОКЕР“ од Фурка, Филип Дучков од Гевгелија синоќа се врати од петдневно „преслушување“ пред стручните лица на реномираниот српски фудбалски клуб „Партизан“ од Белград, Србија.
На престојот во тренинг центарот на „Партизан“ во Белград тој беше придружуван од својот тренер Ристов Кристијан кој изрази задоволство од настапот и тоа што Филип го покажал на терен. Остварен е договор Филип да настапува со подмладокот на „Партизан“ за време на настап на турнири, се’ додека не наполни 14 години. Тогаш ќе може да се разговара и за смена на боите на Дучков од ФК „Џокер“ во ФК „Партизан“.
Ова е голем скок за младиот фудбалер од Гевгелија кој веќе три години тренира во ФК „Фурка“. Неговата умешност ја забележале тренерите и посветиле повеќе внимание за работа и почести тренинзи.
– „ Со Филип трениравме секој ден, а пред настапот во Белград и два пати дневно. Мораше да биде подготвен и физички и тактички за да се претстави во најдобро светло пред управата на Партизан“ – вели тренерот Кристијан Ристов.
Вештините на Филип на терен беа забележани од настапите на меѓународни турнири на кои тој се истакнува со играта, со постигнати голови. Така минатата година Филип го понесе трофејот за најдобар играч на Турнирот „Илинден“.

Што ќе биде во фокусот додека Филип не наполни 14 години за да биде во дресот на црно-белите?
– „Секако, треба работа, тренинг, да се изгради во супер форма, кондиција и тактика, Така работиме ние во ФК „Џокер“ без љубомора. Нашите деца ги подготвуваме за солидни меѓународни настапи каде будните очи на меѓународните ловци на таленти успеваат да пикираат наши играчи. Така, до сега имаме испратено три наши мали фудбалери во „Партизан“, еден во репрезентација. Му посакуваме и на Филип да го оствари својот сон во фудбалот“ – изјави за GevgelijaNet тренерот Кристијан Ристов од ФК „Џокер“.

– „Оваа година Филип со тренинзи започна на 2 јануари и до денес нема пропуштено ниту еден тренинг. Без разлика на временските услови, тој секогаш е на терен – било на отворено или во сала, со иста желба, дисциплина и професионален однос. 💪 Му посакуваме многу успех и среќа во Белград, и се надеваме на позитивни впечатоци и одлуки од страна на тренерите и управата на ФК Партизан. Горди сме на тебе, Филип – продолжи храбро по својот пат!“ – порачуваат од управата на ФК „Џокер“.





















