Нестабилна облачна маса попладнево го зафати регионот на Дојран. Некаде околу 20 часот зафатија поројни дождови со грмежи, засилен ветер и наместа појава на град. Траеше само 15 минути, но дивеењето на ветрот остави пустош по улиците, дворовите, можеби и искинати електрични кабли, зошто жителите на Дојран јавуваат дека немаат струја веќе 2 часа и не знаат дали воопшто ќе дојде во текот на вечерта, без екипа од ЕВН која треба да излезе на терен.
Тамошните жители и гости на социјалните мрежи споделија фотографии од скршени гранки, поројни води по улиците и опис со зборовите „страшно невреме“. Засега нема информации за штети. Жителите се изненадени од тоа што остави краткотрајното невреме низ Дојран.

Oд силното невреме не беа поштедени ниту плажите на Дојранското езеро, „летаа“ чадори, лежалки и урбана опрема за плажа.
Во регионот на југот во Богданци известуваат да се вози внимателно на патот од рибникот према Богданци бидејќи има многу паднати гранки и дрвја поради тамошното невреме.
Нестабилна облачна маса најавуваше за ова попладне УХМР која се движеше од Крива Паланка, кон Куманово, продолжи низ Свети Николе, па кон Струмица и Дојран. Овој бран на облаци премина на југ кон Грција.
Од УХМР велат дека после 21 часот на удар на нестабилна облачна маса е централното подрачје на Македонија со грмотевици и поројни дождови.



















