Во организација на ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија во неделата се изведе традиционалната планинарска акција „Родители и деца“ со искачување на врвот „Чичи Каја“ на Кожуф планина, висок 1.767 метри надморска височина.
На акцијата учество зедоа 180 љубители на планината, деца, родители и планинари, но најбројни беа децата, околу 120 млади посетители. Меѓу сите нив најмали беа Марта и Никола.
Марта Младеновска има 2,5 години и ова е нејзина прва планинарска акција заедно со родителите и братчето Филип кое веќе неколку пати учествува на вакви планинарски акции и дружби. Таа е воедно најмалиот учесник на акцијата „Родители и деца“. Меѓу дечињата најмал беше 3 годишниот Никола Вујадинов Петков.
Тие ја испешачија патеката од подножјето на врвот до самиот постамент на врвот „Чичи Каја“ и се фотографираа за спомен со планинарскиот камен, со планинарите, со другите деца од акцијата.


Инаку, ова е шеста по ред акција „Родители и деца“ во организација на ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија. Ова е начин на приближување на младите генерации кон природата, планината, чистиот воздух.
Заедно со децата на оаа акција учествуваа и членовите на Фолклорен ансамбл „Мегдан“ од Богданци. Тие учеа како се совладуваат висините, а фолклористите ги научија останатите при дружбата на врвот како се игра оро. Па се рашири македонско оро на Чичи Каја.

И ако Ви се присака да им се придружите во планинарската дружба на планинарите и на новите млади членови, „вратата“ на планината е секогаш отворена, а во ЗПСК „Кожуф“ секој е добредојден за нова дружба со планините, висините и новите вљубеници на природата.


Фото: ЗПСК „Кожуф“




















