Ученикот во трета година при СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, Андреј Димов, минатата недела учествуваше на квалификации за учество на Олимпијадата по биологија за средношколци и обезбеди пласман за следниот круг на квалификациско рангирање.
Натпреварот се одржа на Природноматематичкиот факултет во Скопје. Ова беше прва квалификација со поканети 34 учесници со прва награда од државниот натпревар.
Од Гевгелија учество на квалификациите оствари Андреј Димов од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, како носител на титулата државен првак по биологија за средношколци.

После државниот натпревар следат квалификации за олимпијада на светско ниво. Ученикот Андреј Димов под менторство на професорката Зорица Лешевска учествуваше на квалификациите за Олимпијада по биологија и успешно обезбеди пласман во следниот круг на натпреварувањето.
Андреј е ученик во трета година во средното училиште во Гевгелија и особено ги сака хемијата и биологијата.
Во своето основно училиште „Крсте Мисирков“ во Гевгелија Андреј заврши во 2023 година како полуматурант – Првенец на генерацијата.
И како ученик во основното образование редеше награди на општинско и државно ниво по предметите хемија и биологија.

Андреј е младо момче со многу интереси: сака фотографија, покажува општествена и хумана одговорност кон луѓето, член е на Младинскиот клуб при ОО на Црвен Крст Гевгелија, член е на Фолклорниот ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија, патува, фотографира, учи и често победува.
Му посакуваме пласман за учество на Олимпијадата по биологија и некој освоен медал за Македонија!




















