Врнежите во државата изминативе денови придонесоа за зголемен водотек на реките и сливните подрачја, но и на езерата.
Дојранското езеро кое летото покажа знаци на повлекување на крајбрежјето поради забрзаните испарувања, од ноември месец беше започната активност за полнење преку системот „За спас на Дојрансото езеро“ што се наоѓа кај Ѓавото, а во дожливите месеци хидролошката состојба на езерото започна природно да се подобрува.
Така, денеска Дојранското езеро може да се пофали дека го кренал своето ниво за 29 сантиметри над „0-та“ котата.
Да потсетиме, на почетокот од ноември езерото беше близу својот еколошки минимум, со само еден сантиметар над „0“ котата. Денеска после два месеци езерото надокнадило 28 сантиметри од своето езерско ниво и се лелее на котата од 29 сантиметри над „0-та“.
Зимската сезона уште трае, можни се нови врнежи од снег, а сезоната на топење на снегот и слив кон езерото се природна активност која придонесува езерото повторно на природен начин да ги поткрене своите „езерски коски“ на повисоко ниво.
Денеска, со најавата за ветровито време долж Повардарието во Дојран е присутен силен северен ветер со брзина од 35 до 40 км/час, за кој што старите рибари креирале и име, па го нарекуваат „дери кожа“, зошто влегува под кожа со својата јачина и упорни брановидни удари на ветрот.
Природата донесе зголемен водостој во Дојранското езеро, но ете и нови силни воздушни струења кои го брануваат езерскиот убавец.



















