Да го посветиш целиот свој живот на музиката така што таа ќе го дефинира твојот живот, твоето спознавање на уметноста, контакти со пријатели, музички ѕвезди и самиот да станеш ѕвезда во твоето местo на живеење, оставајќи со децении свој музички печат, тоа е музичкото остварување на Драги Ристовски, со потекло од Гевгелија.
Драги е роден 1949 година во Гевгелија, а професијата на неговиот татко, офицер во ЈНА го однесе семејството во Ваљево заедно со мајката и неговиот постар брат Димче.
И двајцата браќа биле вљубеници на музиката и извонредни инструменталисти, а како македонци во Ваљево, и двајцата со сини коси, со бел тен, со локни на косите како Аполон, слични до непрепознатливост, другарите од Ваљево за да не ги грешат имињата ги нарекувале и двајцата Димче – „Димче и мали Димче из Македоније“.

Телевизија „V5“ од Ваљево посвети видео емисија за македонската музичка легенда во Ваљево Драги Ристовски со прекар Димче кој овде оствари 63 годишна музичка кариера, од почетничките денови како средношколец најпрво како инструменталист на КУД „Абрашевиќ“ од Ваљево, а потоа и познат изведувач на забавни и народни песни.
Појдовна точка за да се посвети и на пеењето, а не само на гитарата и другите инструменти кои ги свирел Димче, бил натпреварот за „ПРВ глас на Ваљево“. Овде поминал забележително со настапот пеејќи песна на „Ролингстонси“ преведена на српски јазик. Отука започнала пејачката кариера во која се’ уште е активен.
Драги свирел и настапувал најпрво како вокален интерпретатор во групата „АБВ бенд“. Членовите на групата за да бидат актуелни во репертоарот, за една ноќ ги вежбале победничките песни од фестивалите „Опатија“, „Сплит“, „Загреб“, „Белградскиот фестивал“ и ги изведувале пред публиката во Ваљево. Биле бенд во тренд, барани и надвор од границите на Ваљево.

Во 1970-те години добиваат шанса да настапат во хотел „Гранд“ во летната бавча која имала капацитет од 700 седишта.
– „Не беше лесно да се стаса до „Гранд“ зошто овде настапуваа врвни уметници“ вели Драги Ристовски.
Заради оригиналност на нивните настапи одбрале да изведуваат модерни нумери од „Рибја чорба“, „Битлси“, „Бони М“ плус народни песни од Врањанскиот мелос. Кулминација на забавата била изведбата на песната „Димитрије сине Митре“. Некогаш во една вечер оваа песна се свирела и неколку пати ако инсистирала публиката.
Од 1986 Драги станал член на групата „Хороскоп“ која функционирала 20 години свирејќи во Белград, Титово Ужице, Нови Сад, Бор, Ниш, Ваљево.

Големите југословенски сцени ги освојувал заедно со Мики Јевремовиќ, негов музички пријател и соработник. Драги често го прател Мики на концерти. Настапувале заедно на сцените во Хрватска и цела Србија. По смртта на Мики Драги се сеќава на музичкиот пријател и колега изведувајќи ги неговите песни.
„Доволно е да кажеш Димче“ е емисијата која што телевизија „V5“ од Ваљево ја посвети за Драги Ристовски познат по прекарот што го добил од неговиот брат Димче, нарекувајќи го „Легенда на Ваљево, музички мулти инструменталист и некогашен прв глас на Ваљево“.
Ние ќе потсетиме дека Драги има семејни корени од Фамилија Дојранлиеви по неговата мајка Милица која се омажи за гевгеличанецот Ристо Ристовски, кого професијата офицер на ЈНА го однесе на служба во Ваљево Србија, а подоцна во Белград.
Драги не ги заборава своите семејни корени и е чест посетител на Гевгелија и никогаш не заборава да ја отпее „Димитрије сине Митре“ која го потсеќа на неговиот брат Димче, веќе упокоен пред повеќе од две децении. Сите од фамилијата на Драги од детството, таткото Ристо, мајката Милица и братот Димче за свој вечен дом ја одбраа Гевгелија иако животот го поминаа во Ваљево, Србија и Холандија.
Гевгелија може да биде горда што нејзините синови ја претставуваат најубавата страна на македонската умешност и музикалност на свој најубав начин и не заборават да кажат дека се македонци од Македонија.





















