Вокалниот состав трио „Џентлмен“ кое постои веќе 11 години синоќа по 4-ти пат концертно ја разнежи гевгелиската публика со едночасовен настап во рамките на манифестацијата „Гевгелиско културно лето“.
Најавен како експлозија од емоции, концертот беше атмосферски приказ на таа емоција која доаѓаше од грлата на уметниците, а ги раздвижуваше сетилата на одбраната публика, а таа уметничка есенција ја исполни до последниот милиметар салата на Народниот театар во Гевгелија.
На сцената настапија дипломираните оперски пејачи од МОБ (Македонска Опера и Балет): Дејан Стоев-тенор, Јане Дунимаглоски-тенор и Кристијан Антовски- баритон.
Со нивниот богат репертоар на поп, класична и вокална музика со македонски евергрини докажаа зошто се сакани од публиката, кај нас и во светот.
Уживајте во фрагмент од нивниот вечерашен настап, 4-ти по ред во Гевгелија.
Времето, дождовните облаци кои започнаа пред почетокот на концертот и траеја и после тоа, оневозможи ова несекојдневно музичко уживање да го исполни платото на Народниот театар, а одовде да ги пролее уметничките позитивни вибрации и во останатиот централен простор на градот.
– „Кога доаѓаме во Гевгелија секогаш врне, а важи за најсончев град. Значи ќе треба да дојдеме и за Нова година за да заврне снег“ – констатира и се пошегува тенорот Јане и на ваков начин го најави задоволството од приемот од публиката во Гевгелија и можност да настапат со Новогодишен концерт повторно кај нас.

Публиката уживаше во 20-на нивни вокални изведби, со аплаузите изнуди бис, а најавата за Новогодишен концерт ја прифати со акламација.
Џентлмените се добредојдени во Гевгелија!



















