Гевгелија по шести пат е домаќин и организатор на Меѓународниот шаховски турнир за слепи и слабовидни лица „АУРОРА“ во организација на Спортскиот Клуб „Аурора“ при Здружението на слепи од Гевгелија, а со поддршка на Шаховската Федерација на Македонија.
Турнирот има меѓународен карактер со учество на натпреварувачи од Србија (4-ца), од Романија (2-ца) и 14 натпреварувачи од Македонија, од кои 3-ца се членови на Спортскиот клуб за слепи лица „Аурора“ од Гевгелија.
Тоа се: Трајков Лазо, Туранов Стамко и нашата најмлада шахистка Трајкова Лана која што има 15 години и која што на минатогодишниот турнир се пласира на 5-то место во севкупна конкуренција од 22 натпреварувачи, а претходно во текот на годината освои две бронзени медали од двете најсилни државни првенства во Република Македонија во 2025 година.

Главен судија на турнирот е Александра Гакидова претставник на Шаховската Федерација на Македонија која е лиценциран судија за рангирање, со што годинава турнирот се организира на повисоко ниво и ќе се рангираат резултатите.
Турнирот “АУРОРА 2025” трае три дена, од денес 21 август, па преку следните два викен дена, се’ до недела, 23 август, во прекрасниот амбиент на Негорските бањи во Гевгелија.
Ќе се играат седум кола по Швајцарски систем. Денес петок 2 кола, утре 4 кола и во неделата финалното коло после кое ќе бидат прогласени победниците.

- „Оваа година на турнирот „Аурора“ имаме помал број на учесници во споредба со минатата година, но одевме на обезбедување квалитет, наместо квантитет, со тоа што во натпреварувачките тимови од Македонија и од земјите од странство имаме учесници репрезентативци. Привлечна нота на високо профилирани шахисти на турнирот е секако рангирањето на меѓународниот шаховски турнир „Аурора“ во Гевгелија“ – изјави за GevgelijaNet Лазар Трајков, член на СК „Аурора“ од име на организаторот на турнирот.
Организаторот изјави благодарност за поддршката од Шаховската Федерација на Македонија за организирањето на турнирот, на локалните компании кои го обезбедија наградниот фонд за првите тројца пласирани и поединечни награди, а тоа се компаниите: Вори, Випро, Фондацијата „Ице Бегов“, Општина Гевгелија, Општина Богданци, „Спајдер“ и „Етернал“ од Гевгелија.




















