Вчеравечер во легендарниот IFC Center во Њујорк се одржи американската премиера на документарниот филм „The Tale of Silyan“ на Тамара Котевска.
Ова беше прва средба на американската публика со нашиот филм кој е кандидат за Оскар во категоријата документарен филм.
Неколку фотографии од премиерата што се одржа на Менхетен објавија од Агенцијата за филм на Македонија.
„Њујоршката премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ успешно се одржа во IFC Center.
Овој значаен настан, покрај поддршката од дистрибутерот и продукцијата, беше реализиран и со поддршка од Агенцијата за филм во рамки на кампањата за промоција на филмот пред оскаровските номинации, во клучен период и пред релевантната американска публика.
Публиката со огромен интерес ја проследи проекцијата, а веднаш потоа следеше разговор со авторите. Режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Жан Дакар лично присуствуваа и се обратија пред присутните.

Филмот доби и позитивна критика во престижниот The New York Times, во текстот со наслов „In ‘The Tale of Silyan,’ the Storks Are Watching“ (Во „Приказната за Силјан“, штрковите гледаат).
Авторката на рецензијата го споменува и филмот „Медена земја“ со кој Котевска беше номинирана за Оскар во 2019 година и вели дека новиот филм ја продолжува истата тематска линија – поврзаноста меѓу традиционалното земјоделство, климатските промени и миграцијата, но овој пат во подива и помистична визуелна форма.

Oвој месец „Приказната за Силјан“ ја освои „Silver Hugo“ наградата на „Chicago International Film Festival 2025“. Филмот на Тамара Котевска продолжува да го освојува светот – сега е номиниран и за Cinema Eye Honors, признание што го доближува до трката за Оскар.
Документарецот „Приказната за Силјан“ е откупен од „Национал Географик“ што е големо достигнување за македонската филмска документарна продукција и ова е трајерот за него:
За авторката Тамара Котевска ова ќе биде трета номинација за Оскар, по двете кои ги имаше во 2019 за „најдобар документарен филм“ и за „најдобар филм од странска продукција“ за медарката Атиџе во „Медена земја“.
Можеби со третата номинација, со трета среќа ќе и’ се посреќи!




















