Гевгелија се разбуди денеска со 5,1 степени над нулата од Целзиусовата скала и наводенета со 3,3 литри водена маса на 1 м2 за изминатите 24 часа.
Ветрот со брзина од 33 км/ч веќе се пушти во костец да ја исуши непотребната влага по улиците.
Обилните врнежи во државата, особено во западниот дел предизвика зголемено ниво на реките и водотеците, а наместа се регистрирани и излевања.
Најмногу дожд наврна во Маврови Анови 39,2 л/м2 за 24 часа, а најмногу снег во Крушево цели 14 сантиметри снежна покривка, по 5 см снег има во Охрид и Ѓуриште, по 2 см снег во Тетово и Берово, еден сантиметар снег наврна во Прилеп.
Реката Вардар покажа зголемено ниво во сливните подрачја од горниот свој водотек за да достигне ниво од 96 сантиметри повисоко од јануарскиот просек во мерното подрачје кај Велес, со најава за претпазливост од излевање од коритото. Сепак, долж течението, веќе кон Демир Капија, на мерната станица Вардар покажува смиреност на речниот водотек со ниво за 84 сантиметри повисоко од јануарскиот просек на речното ниво.
Состојбата будно се набљудуваше деновиве зошто само за еден ден нивото на Вардар порасна за 42 сантиметри кај Велес, односно цели 80 сантиметри повисок водотек кај мерниот пункт на Демир Капија.
Во Гевгелија Вардар после 60 километри речна линија се смири и рашири по своето течение без да предизвикуа никакви дилеми за можни излевања.

Врнежите се намалуваат, ветрот ги оддува облаците. Метеоролозите најавуваат дека времето во следните денови ќе биде СТАБИЛНО и суво со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа и дневните ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.



















