Гевгелискиот дводецениски амбасадор на културата од југот на Македонија, фолклорниот ансамбл „Бојмија“, деновиве оствари успешен настап на меѓународниот фестивал „FESTA 2026 – Festival Kultury Południa Europy“, кој се одржа во Болеславјец, Република Полска.
На фестивалот нашите играорци и фолклорниот оркестар со песни и ора ја претставија македонската култура, традиција и фолклор со избор на автентични народни носии за секој сценски изведен настап, оставајќи силен впечаток кај бројната публика.
Домаќин и организатор на македонското претставување на фестивалот беше Амбасадата на Република Македонија во Полска, предводена од амбасадорот Јасмин Ќахил, кој со голема посветеност придонесува за промоција на македонската култура и традиција во Република Полска.
;
Во рамките на Фестивалот имаше и неформална дружба и забава меѓу учесниците на „ФЕСТА“, а членовите на „Бојмија“ поведоа македонско оро со песни од своите грла, да се знае „каде се лее македонска песна, таму царува пријателството“.
Поддржувачи на настапот на гевгелискиот ансамбл „Бојмија“ во Полска се Министерство за култура на Македонија, Општина Гевгелија и бројни спонзори кои овозможија македонскиот фолклор достоинствено да биде претставен пред полската публика.






















