Младата модна дизајнерка, студент на „Европскиот универзитет“ на Факултетот за арт и дизајн, Марија Роглева од Богданци учествуваше како финалист на европската награда за млади модни дизајнери, под патронство на модната куќа Пјер Карден.
Марија во конкуренција од 450 студенти од повеќе европски земји се пласира во 13-те финалисти, и овде се построи во ТОП 5 најдобри модели во избор на модната куќа „Пјер Карден“ и освои ВТОРА награда за дизајн.

Тринаесетте финалисти се претставија со свои креации на заедничка модна ревија. Тројцата добитници на првата награда ќе остварат четиримесечна пракса во студиото на Пјер Карден во Париз. Втората награда, која ѝ беше доделена на Марија и на уште еден учесник, се состои од статуетка и диплома.
Наградите на добитниците им ги додели лично Родриго Базиликати – Кјарден, претседател на групацијата Пјер Карден.

Модната наградна ревија се одржа во импресивниот амбиент на Божиќниот театар во Атина, пред многубројна публика во саботата навечер.

Во Атина Марија Роглева ја придружуваше проф. д-р Гордана Вренцоска, под чие менторство се правеа подготовките за финалниот настап. Тие имаа прилика да поразговараат со претседателот на куќата Карден, и да му се заблагодарат за можноста и поддршката што оваа компанија им ја дава на младите модни дизајнери.

Настанот го проследија повеќе од 1.500 посетители, а беа присутни и новинари од повеќе земји.
Марија вели: „Среќна сум за својот постигнат успех, кој го доживувам како голема мотивација за иднината“.

За младата модна креаторка од југот, Марија Роглева ова беше непроценливо искуство, преку кое се стекна со важни лекции за професијата моден дизајнер.
Честитки за освоената награда.
Ова е доказ за сите млади талентирани луѓе дека соништата за успех треба да се следат, а со упорност, посветеност и самоувереност тие знаат и да се стваруваат!






















